Автобус се преврте во централен Иран, загинаа 11 лица, а 24 се повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Автобус со патници се превртел во Иран, при што загинале 11 лица, а 24 се повредени, објави утрово државната телевизија.

Несреќата се случила на автопатот Савех–Хамедан во централната провинција Маркази. Од провинциската сообраќајна полиција соопштиле дека до несреќата дошло поради замор и поспаност на возачот.

Властите засега не соопштиле од каде и каде патувал автобусот.

Иран има една од најлошите статистики во светот кога станува збор за безбедноста во сообраќајот. Во сообраќајни несреќи годишно загинуваат повеќе од 17.000 луѓе. Експертите високиот број на жртви го припишуваат на небезбедните возила, широко распространетото непочитување на сообраќајните правила и несоодветните итни служби.

На почетокот на овој месец, цистерна со гориво удрила во други возила и експлодирала во близина на западниот град Санандаџ, при што загинале 11 лица, а седум биле повредени.