Дел од карпа падна врз куќа во Куманово – шест дена општината не успева да најде компанија за расчистување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шест дена без струја, без вода и во опасност која ѝ „виси“ над глава!

Вака Вера Трајковска од кумановската населба Перо Чичо ги минува деновите,откако голем дел од камен од рид падна врз нејзината куќа. Оштетен е прилично голем дел од куќата и дворот, а другиот дел пак веќе е неупотреблив. Трајковска вели дека спиела кога каменот паднал врз нејзината куќа. Помислила дека е земјотрес, но од викотниците на соседите сфатила дека станува збор за одрон од земја.

Во истиот двор оштетена е и друга куќа во која живее 81-годишна жена. 

Трајковска истакнува дека состојбата од ден на ден е сѐ потешка, додавајќи дека ако вака продолжи ќе мора да бара друга алтернатива.

Со состојбата е запознаен и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој рече дека општината ќе излезе пресрет, но ниту денеска, шести ден по ред, не успеа да најде компанија која ќе ја расчисти земјата и камењата. Општинските власти велат дека станува збор за дивоградба, но Трајковска негира вакво нешто.