По неуспешната прва средба, жителите на селата Трапчиндол и Рештан во Кичево, кои протестираа против изградба на дивa депонија, денеска се сретнаа со градоначалникот на општината.
Тие изразија загриженост дека местото каде што се планира изградба на депонијата е премногу блиску до двете села.
– Бараме од вас, доколку има такво нешто, со добра волја да се откажете од таа локација, за да не се предизвика уште поголем револт кај верниците, бидејќи потоа знаете како завршуваат работите кај нас – или ќе се поделат на меѓуверска основа, или ќе создадат меѓуетнички, или меѓупартиски проблем.
– Побаравме од вас во најкраток можен рок писмен одговор на нашите барања што ги доставивме до Општина Кичево, толку.
Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, неколкупати во медиумите негираше изградбата на депонија, а и на денешната средба ги увери жителите дека нема да гради ништо и дека прашањето за депонијата ќе го препушти на Министерството за екологија.
– Но, ние тоа нема да го правиме на локацијата што ја мислите вие. Нека бара Министерството за екологија, нека најдат локација, нека ѝ ги одземат надлежностите на Општината и јас отворено се повлекувам и повеќе не ме интересира – нека прават што сакаат, нека најдат локација-вели Јовановски.
Граѓаните побараа писмен одговор од градоначалникот во врска со ова прашање, но тој одби, велејќи дека се чувствува навреден бидејќи тоа им го ветил усно и нема потреба истото да го потврдува и писмено.
