Парламентот на Молдавија изгласа воведување вонредна состојба во траење од 60 дена во енергетскиот и водоводниот сектор, поради многу ниското ниво на водата во реката Днестар и растот на цените на енергенсите предизвикан од глобалните конфликти. Молдавија се соочува со сериозен недостиг на вода во реките Днестар и Прут, што го загрозува водоснабдувањето, пренесува АП.
Министерството за животна средина соопшти дека новите мерки ќе им овозможат на властите побрзо да реагираат и да воведат привремени решенија за да се одржи снабдувањето таму каде што е потребно. „Посебно внимание беше посветено на состојбата со реката Днестар, која е еден од главните извори на вода за Република Молдавија“, се наведува во соопштението на Министерството.
Мерката беше поддржана од 54 пратеници во парламентот, кој брои 101 пратеник; 20 беа против, а 22 пратеници не гласаа. Вонредната состојба стапува на сила во сабота.
Одлуката беше донесена еден ден по состанокот на Советот за национална безбедност, со кој претседаваше молдавската претседателка Маја Санду. На состанокот се разговараше за влијанието на меѓународната енергетска криза врз Молдавија и за мерките за зајакнување на енергетската отпорност пред почетокот на зимата.
Премиерот Василе Тофан денеска изјави дека комбинацијата од суша, конфликтите на Блискиот Исток и во Украина, како и уништувањето на рафинерии, довеле до зголемување на цените на енергенсите и создале притисок врз молдавскиот енергетски сектор. Молдавија е во голема мера зависна од увоз на природен гас и електрична енергија. Слични мерки за зголемена подготвеност во двата сектора, кои истекуваат во петок, се на сила уште од јули, кога Европа беше погодена од тешка суша.
„Не велам дека утре ќе останеме без гас, дизел, струја или вода“, изјави Тофан. „Проблемот е што влегуваме во студената сезона соочени со неколку големи ризици што се преклопуваат“, објасни тој.
Тофан додаде дека приливот на вода во акумулацијата Новоднистровск, лоцирана узводно во Украина, изнесува околу 22 кубни метри во секунда. Ова е значително под минимумот од 60 кубни метри, кој тој го оцени како неопходен.
Министерот за животна средина, Георге Хајдер, изјави дека можеби ќе биде потребно да се ограничи потрошувачката на вода што не е неопходна. „Мораме да ги имаме сите потребни алатки за да интервенираме“, рече тој. Молдавија, исто така, во март прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор, откако руските напади врз украинската електроенергетска мрежа прекинаа клучен далновод што ја поврзуваше земјата со Романија. Истиот месец, илјадници Молдавци останаа без вода откако рускиот напад врз хидроелектраната „Новоднистровск“ предизвика загадување на реката Днестар.
