Демонстрантите во Абхазија, проруски отцепен регион на Грузија, упаднаа во парламентот во Сухум во петокот, барајќи оставка од претседателот Аслан Бжанија поради непопуларниот инвестициски договор со Москва.
Демонстрантите поминаа со камион низ портите на парламентот, по што ги скршија стаклата и упаднаа во зградата извикувајќи слогани. Тие упаднале и во просториите на претседателската администрација кои се наоѓаат во истата зграда. Службите за итни случаи известија дека најмалку девет лица се повредени.
Според лидерот на опозицијата Темур Гулија, првичното барање на демонстрантите било да се повлече договорот, но сега бараат и оставка од Бжанија. Администрацијата на претседателот најави дека се подготвува да го повлече договорот, што предизвика стравувања дека доаѓањето на рускиот капитал може да ги зголеми цените на недвижностите и економски да го загрози локалното население.
Договорот, потпишан во октомври меѓу руските и абхазиските власти, ќе им овозможи на руските правни лица да инвестираат во проекти во регионот. Опозицијата смета дека Бзанија ги користи овие односи за да го зајакне својот режим, наместо да ги штити интересите на граѓаните на Абхазија.
Русија, која е главен трговски партнер на Абхазија, изрази загриженост поради кризата и ги повика своите граѓани да избегнуваат патување во регионот.
Ова не е прв пат Абхазија да доживее политички немири. Слични протести во 2014 и 2020 година доведоа до смена на тогашните претседатели, додека поголемиот дел од светот сè уште ја признава Абхазија како дел од Грузија, и покрај нејзиното потпирање на руската поддршка од раните 1990-ти, пишува Ројтерс.