Денеска и утре портокалов аларм! – Граѓаните излегуваат само за најнеопходни работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високите температури ги „затворија“ граѓаните дома.

Малкумина се осмелуваат да излезат в град.

Малку на број се граѓаните кои можат да се видат на улицата и плоштадот „Македонија“.

Кафулињата кои вообичаено се преполни, сега немаа ниту еден гостин.

„Часот е 11 и 30, а температурата во Скопје е измерена на 33 степени. До крајот на денот ќе се искачи до 40 степени Целзиусови“, посочи репортерката на ТВ21.

И во „Жена парк“ немаше многу постари лица. Речиси сите излегле за да завршат некоја неодложна работа, криејќи се од сончевите зраци под сенка.

Сите приоѓаа до фонтаните за барем малку да се освежат.

Метеоролозите и за утре предвидуваат пеколни температури, но во вечерните часови се очекуваат врнежи од дожд, грмежи и услови за појава на град. В петок и сабота нѐ очекуваат пониски температури, а веќе в недела повторно се враќа топлиот бран.

Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа и Црвениот крст да ги следат препораките на Министерството за здравство за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови.

Се налага ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се бремените жени и лицата над 60 години. Во градинките да не практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.