Владејачката СДСМ вечерва ќе одржи седница на Извршниот одбор на која треба да бидат потврдени првите дваесетина кандидати за градоначалници на локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври.
По седницата се очекува во изјава за медиумите да бидат соопштени првите официјални кандидати за градоначалници.
Претходно, генералниот секретар Љупчо Николовски на брифинг со новинарите истакна дека првите 20 кандидати за градоначалници ќе бидат познати на 13 јули.
Николовски тогаш порача дека партијата завршила со истражувања, анкети и анализи за 20-тина општини, по што се очекува да финишираат постапките во општинските организации, а потоа ќе следи и јавно објавување на кандидатите.
Според него, досега има 562 кандидата за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, а самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.
