Започна 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“: Рекордни 15.020 учесници од 63 земји

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје денеска е во знакот на трчањето – рекордни 15.020 учесници од 63 земји се дел од 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“. Стартот на трките беше означен утрово од градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и министерот за спорт Борко Ристовски.

Годинашниот маратон е рекорден според бројот на пријавени учесници, а Скопје ги пречека маратонците, полумаратонците и рекреативците од земјава и странство.

„Скопје е на нозе! 15.020 учесници, илјадници лични приказни и еден град што денес дише во ритамот на спортот“, порача градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Пред почетокот на маратонот, градоначалникот посочи дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за одржување на настанот и ги повика скопјани да ги бодрат учесниците долж патеката.

„На сите учесници им посакувам успешна трка, лесен чекор и силна волја до целта! На скопјани им упатувам повик со аплауз и бодрење да им дадеме дополнителна сила на сите што денес трчаат низ нашиот град“, порача Ѓорѓиевски.

Од организацискиот тим велат дека рекордната масовност е голем предизвик, но и дополнителна мотивација.

„Со рекордниот број пријавени учесници, ова е голем предизвик за сите нас, но и голема мотивација. Очекуваме уште едно големо тркачко доживување и ги повикуваме сите да бидат дел од него“, изјави спортскиот директор на маратонот Кире Синадиновски.

Во организацијата се вклучени и околу 500 волонтери, распоредени на различни позиции долж патеките.

„Годинава имаме околу 500 волонтери што ќе бидат на различни позиции по должината на патеките и ќе бидат важен дел од целата организација“, истакна секретарката на маратонот Гордана Николовска.

Освен маратонската трка на 42,195 километри, денеска се одржуваат и полумаратонот, трката на 5 километри и штафетната трка „ЕУ за спорт“.

Град Скопје е покровител на манифестацијата, а организаторите очекуваат рекордното издание да биде уште едно големо тркачко доживување во главниот град.