Депонија во близина на ТЕЦ Осломеј. Во последните денови биле забележани повеќе машини како носат отпад на оваа локација.
Загрижените жители побараа одговорност.
Огранокот на ДУИ во Кичево побара од Општината да го запре носењето на отпадот.
„Ниту еден политичар, ниту еден крал и ниту еден султан не ја добил битката против народот. Градоначалникот треба да биде свесен дека во овие зони нема простор за регионална депонија. Ова не е прашање на политика, туку на животната средина и иднината на нашите деца.“, вели Шеки Имети, советник од ДУИ.
Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, за ТВ21 изјави дека таму се одлага исклучиво отпадот што се вади при чистење и проширување на речното корито и ништо друго.
„Во јамите на рудникот кај ТЕЦ Осломеј се депонира сè што се вади од реката и од проширувањето на речното корито. За жал, како и насекаде, реката е полна со сè и сешто што несовесни граѓани го фрлале, вклучително и разни видови отпад.“, изјави Јовановски.
Вчера на средба со жители од неколку села, градоначалникот изјавил дека повеќе нема да се занимава со отпадот, туку ќе препушти на Министерството за екологија да ја одреди локацијата за товарење и истовар на отпад, при што побарал дури и да ѝ се одземат надлежностите на општината за управување со отпад.
