Депонија во Кичево ги труе жителите „Властите да дојдат на кафе на мојот балкон“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поради непријатна реа која се шири од депонијата формирана во Комуналното претпријатие во Кичево, жителите од населбата Коњски ливади дишат загаден воздух.

Депонијата се наоѓа на само 200 метри од населбата, а речиси две години локалните мештани не можат да ги отворат прозорците за да ги проветрат просториите. Не можат ниту да пијат кафе на балконите, бидејќи лошата миризба е присутна постојано.

Никола Пејовски, кој живее во оваа населба ги повика надлежните кои како што вели, дозволиле да се создаде оваа депонија, да дојдат и заедно да се напијат по едно кафе на неговиот балкон, со цел да се уверат во каква миризба и атмосфера живеат.

Вели дека неколкупати побарале од властите да ја расчистат депонијата, но нивните барања не наишле на слух. ТВ21 одговор побара и од јавното претпријатие „Комуналец“ во Кичево. Од таму велат дека се преземаат мерки за отстранување на депонијата, но дека е потребно време за решавање на проблемот.

„Постојано го чистиме отпадот. Имаме договор за јавна набавка со фирма „Јехони-Транс“ и продолжуваме да го расчистуваме. Времетраењето на отстранувањето не е наведено во договорот, бидејќи постојано се носи отпад, на пример, ако во рок од еден ден се отстранат 100 тони, тогаш се носат од 35 до 40 тони. Од ден на ден депонијата се празни. Се надеваме дека депонијата ќе се расчисти што поскоро, затоа што не е здраво ниту за нас што сме таму и работиме секојдневно“, велат од јавното претпријатие „Комуналец“ – Кичево.

Наши информации велат дека овој отпад се пренесува во депонијата „Русино“. Ова не е единствената депонија во Кичево, има и други кои и покрај тоа што се расчистуваат, по извесно време повторно се формираат. Потсетуваме, жителите на Осломеј пред неколку месеци се кренаа на нозе за да го спречат фрлањето отпад во јамите на рудникот Осломеј, поради што општината одреден период немаше никакво решение во врска со овој проблем.