Детали од денешната полициска акција: Кој е опфатен со истрагата за организиран криминал во ФЗО и приватна болница?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ТВ 21 дознава нови информации за полициската акција во Скопје, Тетово и Куманово. Според првичните информации, под истрага се одговорни лица од приватна болница, како и вработени во Фондот за здравствено осигурување. Според неофицијални информации, меѓу лицата опфатени со истрагата е и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Ден Дончев, кој се споменува како првопријавен во овој случај.

Во неофицијалните информации за случајот се споменуваат и Ридван А., поранешен претседател на Управниот одбор на ФЗО, Весна Ќ., поранешна менаџерка на болницата „Санте“, како и Салих Б., поранешен сопственик и овластено лице во болницата.

Меѓу лицата кои се споменуваат како опфатени со истрагата се и Селма А., актуелна менаџерка на болницата, и Геријана А., поранешна директорка на оваа здравствена установа.

Според неофицијалните информации, истрагата опфаќа и лица кои извршувале раководни функции во Фондот за здравствено осигурување. Меѓу нив се Цветен С., поранешен раководител на Секторот за контрола во ФЗО, Жаклина С., поранешна директорка на подрачната служба на ФЗО во Скопје, како и Ирена П., актуелна раководителка на скопската подрачна служба.

Од МВР велат дека по завршување на акцијата ќе ја информираат јавноста за официјални детали од истрагата. „Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.