Ова е училиштето „Петар Здравковски – Пенко“.
Се наоѓа на територијата на Општина Бутел, но поблиску им е на децата од Чаир, отоколку на децата од Бител. Сепак, парадоксално, иако децата од Чаир ги дели само една улица од училишниот објект – не им е дозволено да се запишат во него со образложение дека не припаѓаат на Општина Бутел.
Ова предизвика реакција кај родителите, но и кај политиката.
Образложението да не се запишуваат само затоа што не припаѓаат на реонот на ова училиште е неприфатливо за ДУИ, која одржа прес-конференција токму спроти училиштето.
„Во ова училиште некои родители имаат постари деца кои ја следат наставата, додека на помалото дете оваа година не му се дозволува да се запише тука, со што родителите се принудуваат да го испратат во друго училиште. Она што е уште позагрижувачко, според информациите, е дека во ООУ „Пенко“ е донесена одлука за затворање на една паралелка на албански јазик, а не и на македонските паралелки, кои имаат многу мал број ученици од второ до деветто одделение. Нашето прашање е зошто не се прави спојување на паралелките во една, како што тврди министерката за образование?“ – вели Арменд Мурсели, советник на ДУИ во општина Бутел.
Не би било исправно проблемот да се сведе само на административната граница меѓу Општина Бутел и Општина Чаир, ниту само на бројката од 18 ученици, велат општинските власти.
– Секторот за образование во Општина Бутел нема донесено никаква таква одлука за затворање на наведената паралелка. Самото тоа што во една паралелка има 18 ученици не значи автоматски дека таа треба да се затвори. Има многу жители кои живеат и на територијата на нашата општина, но ги немаат променето адресите од каде што дошле и правно не фигурираат како жители на Бутел, велат од општина Бутел.
Во согласност со Законот за основно образование, редовната паралелка се формира со 20 до 30 ученици. Но, законот предвидува можност паралелката да се формира и со помал број ученици, со соодветна согласност и позитивно мислење од надлежните институции.
Од Министерството за образование очекуваат надлежните институции за реонизацијата и организацијата на училиштата да ги достават сите релевантни информации, по што Министерството ќе постапи во рамките на своите законски надлежности.
– Ние сме подготвени, во координација со Општина Бутел, Општина Чаир, училиштата и родителите, да ги разгледаме податоците и да се најде законско и одржливо решение, со кое на учениците ќе им се овозможи непречено продолжување на основното образование на мајчиниот јазик, на кој имаат право да се образуваат, изјавија од МОН.
Во конкретниот случај, потребно е да се утврдат сите релевантни факти, особено училишната зона на која припаѓаат учениците, јазикот на кој тие го следат образованието, можноста во нивното матично училиште да ја следат наставата на албански јазик, како и дали се исполнети законските услови за продолжување на паралелката со помалку од 20 ученици.
Основното училиште „Пенко“ брои над 1.700 ученици, од кои 90 отсто се Албанци.
