Девет лица починале во изминатото деноноќие како последица од Ковид-19, информира Министерството за здравство. Од 665 тестирања спроведени од Институтот за јавно здравје, 90 случаи се позитивни на коронавирус. Најмногу случаи повторно има Скопје, 36. Со ова вкупната бројка на активни случаи во главниот град достигна 1721. Следува Тетово со 4 нови случаи и 326 активни и на трето место Куманово. Во оваа општина има само 2 нови случаи во изминатото деноноќие, но вкупно 241 активен случај со Ковид-19.
Поради исполнетите капацитети на Инфективната клиника и ГОБ “8 Септември“, во функција за хоспитализирање на пациенти заразени со Ковид-19 е ставена и болницата Козле. Оваа болница е наречена Ковид центар 2 и започна да прима пациенти заразени со новиот вирус. Овде се хоспитализирани тројца пациенти. Две деца на возраст од 5 и 2 години како и еден маж на возраст од 81 година. З
За ТВ21 директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, Ангелчо Андонов, изјави дека пациентите се во стабилна состојба и болницата е подготвена да прими 60 пациенти, колку што има легла.
На Инфективната болница во Скопје има 106 пациенти, во монтажната болница 11, во ГОБ “8 Септември“ 132 пациенти. Во Битола во болницата се лекуваат 33 пациенти, во Штип 20, Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп вкупно 76 пациенти позитивни на Ковид-19. Меѓутоа министерот за здравство вели дека болниците имаат капацитет да примаат пациенти со коронавирус и дека медицинските екипи се исто така подготвени. Од почетокот на епидемијата во нашата земја до сега се регистрирани 5196 пациенти со Ковид-19 а починале 247 граѓани.
