Девет пратеници денеска и уште шест следното рочиште сведочат за настаните во Собранието на 27-ми април. Сите се предлог на екс-претседателот на законодавниот дом, Трајко Вељаноски.
„Констатиравме дека во целост е поставено идентично на конститутивната седница 2016 година и на конститутивната седница во 2020 година, што укажува на тоа дека деловнички се согласува и претходниот и овој парламентарен состав дека тоа е во ред и исправно.“, рече Еленко Миланов.
Во судница ќе се појави како сведок и пратеникот Зекрија Ибраими кој во 2017 година како процедурална забелешка, ја пееше химната на Албанија.
Миланов додава дека во тој момент немало можност тогашниот претседател да го исклучи микрофонот на говорницата.
Во сведочењето на актуелниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека немало никаква организација за протести од неговата партија.
„Бев изненаден од масовноста и шареноликоста на протестите. Не присуствуваа само членови на ВМРО-ДПМНЕ, туку и граѓани кои беа загрижени за иднината на државата.“.
Сведоците додадоа дека нивната партија немала официјален став по однос на протестите ниту пак повикувала на истите, секој како граѓанин можел да учествува.
„Како пратеник немам информација дека некој од тука присутните обвинети давал насоки и на било кој начин се мешал во протестите.“
Обвинети во случајот за организацијата на 27 април, покрај Вељаноски, се и екс-министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски, кој беше споменуван како едно од лицата кои контактирале и соработувале со Нинџа. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе им бидат достапни на органите на прогонот.
