Седум пожари на отворен простор и натаму се активни низ земјава, додека еден пожар е ставен под контрола, а 38 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Според информацијата до 07:30 часот, во периодот од 5 до 6 октомври се регистрирани вкупно 46 пожари на отворен простор.
Активни пожари има во седум општини. Во Дебар гори на потегот „Над Боровите“, со краци кон селото Татар Елевци и Кораб, како и кон Бањиште, каде гори смрека, папрат и трнливи грмушки.
Во општина Чашка активен е пожарот кај селото Јаболчиште, на местото „Биков Гроб“, каде гори шума и ниска вегетација. Во Липково пожарот е во селото Стрима, на местото „Гури Куќ“, каде е зафатена борова шума и ниска вегетација.
Активен пожар има и над Боговинското Езеро на Шар Планина, каде гори пасиште. Во Куманово гори депонијата Краста, додека во Новаци пожарот е во селото Добровени и зафатени се ниска вегетација и стрниште.
Во општина Дебарца активен е пожарот на потегот меѓу селата Белчишта и Лешани, каде гори ниска вегетација.
Еден пожар е ставен под контрола во општина Студеничани, меѓу селата Драчевица и Цветово, на местото „Калдиред“, каде гори ниска вегетација.
Во изминатиот период се изгаснати 38 пожари на отворен простор во повеќе општини, меѓу кои Гостивар, Прилеп, Долнени, Гевгелија, Кочани, Тетово, Желино, Демир Капија, Могила, Крушево, Крива Паланка, Кичево, Бутел, Ново Село, Валандово, Виница, Берово, Куманово, Сарај, Арачиново, Гази Баба и Брвеница.
Најголем дел од изгаснатите пожари биле на ниска вегетација, стрништа, отпад и депонии, а во дел од случаите биле зафатени и шума и дрвја.
