Џафери демантира дека добил УСБ – „не сакам да користам несоодветни зборови за вакви лаги“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги отфрла тврдењата дека примил документи и усб од екс премиерот Никола Груевски, во кои наводно имало содржини за измените на Кривичниот законик. Ова е само нечија невистина која служи за дневно политичка тема, а за да ја одбегне реалната состојба, чиста шпекулација е дека сум добил некакви документи од Груевски, изјави Џафери на денешниот редовен брифинг со новинарите.

„Никаква вистина нема дека претседателот на Собранието од екс премиерот дека примил било каков допис или било каков материјал. Тоа е невистина која што само служи за дневна политика. Понатаму не би сакал да користам несоодветни зборови која што заслужува таквата инсинуација но оставам на совеста на тие што шпекулираат со јавноста“, вели Талат Џафери.

Изминативе денови претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а вчера во интервју за 360 степени и потпретседателот на партијата Александар Николовски уверуваа дека Груевски им предал усб на Џафери и на Ахмети со материјали за Кривичниот законик. Николовски на интервјуто покажа усб за кое тврди дека е автентично и е токму она за кое деновиве зборуваше Мицкоски.

„Ова е тоа фамозно усб стикче на кое што ги има измените. Овие измени се доставувани до Али Ахмети, Талат Џафери и трета адреса, од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во воведот меѓу другото се вели  – Ова се предлог за измени, односно намалување на висината на казните во Кривичниот законик. Самото тоа што овој текст, а ние овој текст го имавме пред да се случат измените на Кривичниот законик скоро целосно одговара на тоа што помина како измени на Кривичниот законик јасно говори дека или имало комуникација или исто се размислувало. Но, ќе дозволите дека до збор исто да се размислува е преголема коинциденција“, вели Александар Николоски.

И вчера веднаш после интервјуто на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ , преку видео врска во еден портал се вклучи Груевски кој им се закани и на Николовски и на Мицкоски дека може да каже работи за кои двајцата нема да знаат што ги снашло. Се трудам да се воздржам од глупостите што поединци ги прават за да не направам штета, да не можат после со месеци да се отплеткаат, рече Груевски.