Талат Џафери продолжува да биде и премиер и пратеник истовремено. Тој од собраниската говорница кажа дека ќе продолжи да биде премиер до изборот на нов претседател на Владата, а дотогаш нема да учествува во работата на Собранието. Сепак, правниците реагираа на неспојливоста на функциите, а аналитичарите велат дека активирањето на пратеничкиот мандат треба автоматски да значи оставка на премиерот. Според Ивица Боцевски, решението на ваквата, како што вели, ненормална ситуација, е во укинувањето на техничката Влада.
„Го имаме Талат Џафери кој избра да го игнорира фактот дека станал народен пратеник. Што од ова е зкаонски, што од ова е незаконски, мислам дека ни правната фела не може да зборува. Со право реагира Антикорупциската комисија. Според мене, не треба ова прашање да се заборави , да се остави пак кога ќе имаме следни избори да се наоѓаме во ваква слична ситуација. Некаде после изборите треба да се седне и сите овие ад-хок решенија, коишто беа смислени за време на Пржинскиот пакет, да се повлечат.“, порача Ивица Боцевски.
Според Боцевски, постапката на Џафери е несоодветна. Тој вели дека ова е прашање на доблест, но и прашање на политичка култура и лично воспитување.
„Од една страна, луѓе со демократска политичка култура секако дека ќе си дадеа оставка, а луѓе со лично воспитание нема да аздисуваат кога се на функција, туку напротив, ќе бидат пристојни и ќе го следат она што елементарната култура го наложува.“, вели Ивица Боцевски.
Претходно од Антикорупциската комисија повикаа техничкиот премиер Талат Џафери и дел од министрите кои станаа пратеници да поднесат оставки од функциите. Според нив, со ваквата постапка се изигрува целиот правен систем. Антикорупционерите изразија загриженост за почитувањето на уставниот поредок и начелото на поделба на властите. Оставки од министерските функции поднесоа сите нови пратеници на СДСМ, а освен Џафери, на функцијата остана единствено и Илир Демири во Министерството за здравство. Антикорупционерите не ја исклучија можноста против нив двајца да покренат прекршочна постапка, а казната би ги чинела од 300 до 500 евра.
