Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Народната банка на Србија (НБС) ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, откако утврдила значително влошување на нејзината финансиска состојба и ризик од натамошно нарушување на ликвидноста.

Од НБС соопштија дека претходно биле спроведени надзорни активности со цел банката да ја подобри ликвидноста, но состојбата ги загрозувала интересите на депонентите. НБС посочи дека одлуката е донесена со цел заштита на штедачите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем.

Агенцијата за осигурување на депозити, во рок од седум работни дена, треба да овозможи исплата на осигурените депозити и пристап до средствата, согласно законот.

Одлуката е значајна и за банкарскиот сектор во Македонија. Пред една година, Комисијата за хартии од вредност ја одобри понудата на Алта банка од Белград за преземање на Стопанска банка Битола. Понудата опфаќаше 371.538 обични акции со право на глас, а заедно со 19.439 акции што веќе ги поседувала Алта банка и поврзаните страни, претставуваше 100 проценти од основниот капитал на македонската банка.