Џафери не се согласува со идејата за укинувањето на патните трошоци и вели дека според него тоа треба да се дорегулира. Доколку Владата достави таков предлог тој брифингот со новинарите најави дека ќе достави контра предлог да се укинат сите службени возила на функционерите. „Ако добијам таков предлог од Владата јас ќе поднесам предлог сите да се откажат од службените возила и на работа да одат со тротинети“, рече Џафери. Сепак пред камерите беше повоздржан.
„Да се укинат не мислам дека треба да се укинат целосно, да се дорегулираат, да. Но чекам од конкретна акција како ќе биде понатаму. Лошо е што се создава слика дека сето зло во ова општество и во оваа држава потекнува од Собранието и од пратениците“, посочи Талат Џафери.
Токму укинувањето на патните трошоци беше и една од предизборните ветувања на лидерот на СДСМ Зоран Заев, а темата прекумерни исплати на патни трошоци за пратеници е одамна проблем на кој реагираат и медиумите и јавноста.
„Ќе ги укинеме патните трошоци за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија“, посочи Зоран Заев.
Неодамна ТВ21 обелодени колку земале пратениците во последниот парламентарен состав од неполни 4 години, во кој вкупно само за патни трошоци биле потрошени 1.495.996 евра. Најмногу земал пратеникот Алија Камберовски од ПЕИ кој патувал од Струга и тоа 47.450 евра.
Втора на листата е Бети Рабаџиевска Наумовска од Ресен со 45.918 евра. Пратеникот на Алијанса за Албанците Сурија Рашиди кој за да дојде на работа во Собранието патувал од Струга зел вкупно 42.261 евра, а по него е Мира Стојчевска од Делчево со 41.632 евра. Потоа следува Зоран Илиоски од Битола со 40.692, Емилија Александрова од Берово со 36.287, Хари Локвенец од Прилеп со 35.774 евра, Милева Ѓоргиева од Радовиш 34.358, Агим Шаќири од Струга 33.379 и последен на листата на Топ 10 е Димитар Стевананџија од Прилеп кој за патни трошоци зел 31.705 евра. Но покрај патни трошоци, пратениците имаат право да им се исплаќа и закупнина на стан. Неделава за поранешната пратеничка Силвана Бонева е поднесено обвинение во предметот „Друмарина“, во кој таа се товари дека поднесувала лажни фискални сметки од патарини со што и биле исплатени патни трошоци од околу 6 и пол милиони денари.
