Џафери за Украина и руското влијание во РСМ „Отворен Балкан“ треба да се разгледа, Србија веќе не е истата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Говорејќи околу војната во Украина, собранискиот спикер, Талат Џафери рече дека е многу важен поимот кој ја опишува тамошната состојба, истакнувајќи дека станува збор за отворена руска агресија врз суверена држава како што е Украина.


-Ова е класична агресија на една кон друга суверена држава и секако дека е обид за окупација. Ова е отворена војна, ненајавена, но која се подразбираше, имајќи ги предвид сите постапки кои претходеа, рече Џафери.

Северна Македонија со оглед на потенцијалот, капацитетот и статусот, според Џафери, е во чекор со одредбите на демократскиот свет и дека прави доволно за Украина.


-Мислам дека и институциите, и граѓаните, и сите носители на јавни функции, согласно нашиот статус, направија добра работа застанувајќи рамо до рамо со демократскиот свет, па макар било и со симболична поддршка, вели Џафери.

Џафери во „Клик Плус“ го прокоментира и руското влијание во нашата земја. Вели дека кај одредени политички субјекти може да се забележи влијание од Русија, а такви елементи, како што додава, може да има и кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


-Парламентарната партија, односно Левица, која излегува пред собраниската говорница и зборува анти-Европа и анти-НАТО…
Ф.А: Дали и ВМРО оди по тој проруски дискурс?
-Јас не велам дали оди ВМРО, но дали може да има елементи, да може да има. Јас не можам да ја исклучам можноста одредени елементи како секаде, да има и таму. Но, не можам да кажам дека ВМРО како раководство го прави тоа, рече Џафери.

Во однос на ставовите на Србија кон Русија, собранискиот спикер вели дека од покренувањето на иницијативата „Отворен Балкан“ Србија веќе не е истата. Како резултат на тоа, учесниците треба да ја разгледаат оваа иницијатива, предлага Џафери.


-Во однос на моментот, изјавите кои ги дава еден од основачите се контрадикторни со она што беше стартната точка на оваа иницијатива, што значи дека земјите кои се дел од иницијативата треба да го разгледаат ова прашање, вели Џафери.

Имајќи ја предвид актуелната состојба, собранискиот спикер рече дека ЕУ треба да преземе забрзани чекори за членството на Северна Македонија, а за можното приклучување на Косово во НАТО, Џафери на став дека Косово ужива поддршка од нашата земја на тој пат.