Во Македонија се одбележа Денот на образованието на турски јазик. Собранискиот спикер, Талат Џафери во знак на чест кон неговиот турски колега, Мустафа Шентоп и присутните, зборуваше и на турски јазик.
„Да сте живи, здрави сите и да живее пријателството со Република Турција! Ви благодарам за вниманието!“, истакна Талат Џафери.
Џафери го честиташе денот на образованието на турски јазик додавајќи дека Турција е долгогодишен пријател на Македонија и во добро и во лошо.
„Дозволете ми да ја искористам приликата и на сите вам, почитувани колеги, на сите присутни во салата, и на сите наши сограѓани, припадници на турската заедница, да им го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија“, посочи Талат Џафери.
На настанот беше присутен и премиерот Зоран Заев кој меѓу честитките испрати и поздрав до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Претседателот на турското собрание, Мустафа Шентоп рече дека во Македонија се чувствувал како дома, а пренесе поздрав и од претседателот Ердоган. Шентоп е со потекло од Балканот, односно неговите родители се од Витина (Косово) и од Гевгелија.
„Сега како да се наоѓам дома и не претерувам кога го велам тоа, бидејќи јазикот ни е како дом, како елемент што ја поседува нашата душа и ум и го претставува нашиот дом. Знаеме дека луѓето кои зборуваат ист јазик не знаат за географско растојание а луѓето кои не се разбираат на ист јазик дури и ада се на исто место,не можат да се разберат“, порача Мустафа Шентоп.
На 21 декември 1944, за прв пат во Северна Македонија децата од турска националност започнале да следат настава на нивниот мајчин јазик. Овој датум во Македонија претставува национален празник за припадниците на оваа заедница и за нив е неработен ден.
