Дилеми во однос на пописот – дијаспората стравува дека ќе биде исклучена од политичките процеси

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со Пописот на резидентното и нерезидентното население се стреми кон исклучување на дијаспората од пописот и политичките случувања во Северна Македонија, изјави иселеникот Башким Исени, на трибината што ја организираше Алијанса за Албанците на тема „Попис“.

„Стравувам дека зад пописот на резидентното и нерезидентното население, се кријат други намери, можеби постепено дијаспората да се исклучи од политичките процеси“, вели Башким Исени.

И поранешниот дипломат, Махи Несими  смета дека се спорни бројките од пописот кои минатиот месец ги објави Државниот завод за статистика. Според него, бројките пријавени на 1 октомври се валидни. Несими покренува дилеми за 130 илјади граѓани попишани без одредена етничка, верска и јазична припадност.

„На 30 септември минатата година во 24 часот беше критичниот момент за пописот на население. Утредента беше кажано дека како резидентите се попишани толку, додека во странство се попишани 204.805жители. Сега се поставува прашање – дали тој ден во 00:00 се затвори страницата за попис на населението во странство, да се затвори. Па, тогаш од каде излегоа останатите 55 илјади?“, вели Махи Несими.

Новинарот, Насер Селмани смета дека Македонија е заробена држава, па затоа не може да се спроведе објективен попис.

„Сѐ додека Македонија е заробена држава, нема да има објективен попис. Манипулациите што се прават преку пописот се во функција на легитимитетот на недемократското и криминалното владеење во Македонија“, вели Насер Селмани.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече дека како партија ги констатирале сите неправилности во однос на пописот, се обиделе да интервенираат преку амандмани, но како што уверуваат, не наишле на слух од Влада.

„Заклучивме дека Пописот не е владин, туку државен интерес, и како таков треба да се води. Прибирањето податоци и објавувањето на резултатите треба да се направи од комисија во која ќе бидат вклучени сите фактори кои го креираат јавното мислење, како и политичкиот фактор со цел да се гарантира веродостоен процес, а не изманипулиран од страна на Владата“, порача Зијадин Села.

Но, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за РТВ21, рече дека не треба да има сомнежи околу пописот, бидејќи истиот е надгледуван од „Евростат“ и Обединети нации.

„Пописот е политизиран, процесот е етнизиран. Сите етникуми го оспоруваат, но пописот е организиран од државните институции, пописот е мониториран и помогнат од „Евростат“, од професионалци за статистика при Обединети Нации“, додава Али Ахмети.

Последниот попис покажа дека вкупниот број на население во Македонија е 2.097.319 граѓани, од кои 1.836.713 е резидентно, а 260.606 нерезидентното население.