Намалениот данок на додадена вредност за дизел-горивото останува во сила до 20 октомври 2026 година. Владата ја продолжува мерката со која ДДВ за дизелот се намалува од 18 на 10 проценти, со цел да се ублажат ценовните притисоци и да се намали финансискиот товар врз граѓаните и компаниите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информираше преку објава на Фејсбук дека продолжувањето на мерката е дел од напорите за зачувување на животниот стандард и одржување на економската стабилност.
„Продолжуваме со мерките за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија. Владата ја продолжува мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 отсто на 10 отсто, до 20 октомври 2026 година. Со оваа мерка влијаеме врз малопродажните цени на горивата и ги ублажуваме надворешните ценовни притисоци, со цел да го намалиме финансискиот товар врз граѓаните и стопанството“, напиша Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека надлежните институции внимателно ги следат движењата на меѓународните пазари и ќе продолжат да реагираат навремено, во зависност од економските состојби.
„Продолжуваме внимателно да ги следиме состојбите на меѓународните пазари и навремено да реагираме со мерки што придонесуваат за заштита на животниот стандард и економската стабилност“, истакна министерката.
