Димитров: Добив понуда да бидам Амбасадор во САД затоа што некои сакаат да ме нема и да не ги застапувам моите позиции за спорот со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот за Европски прашања, Никола Димитров денеска на прес-конференција ја кажа причината зошто нема да биде повеќе дел од Владата. Тој објасни дека добил понуда да биде Амбасадор во САД само за да не биде дома и да не може да се бори за позициите во преговорите со Бугарија.

„Прво да демантирам, не сум се повлекол самиот, затоа што имам одговорност и сметам дека позициите кои ги постапувам во процесот на преговорите со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре во последната година, во однос на дефинирирање на националните позиции, за самата суштина на маката, ама и стратегијата и текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна, разликите беа евидентни. Во два навради кога таа битка кулминираше за која вие новинарите не сте запознаени, еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажав дека преку поставените граници нема да дозволам да се помине, најмалку по цена во мојата позиција од владата. Со мене за некои работи немам разговор. Сум сретнал многу влијателни лушѓе кои немаат функција, а сум сретнал и обратно.

Мојот збор ќе врви и натаму. Ама за тоа да биде така, јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, и да сум слободен да се борам за моите позиции. За моите позиции немаше простор во идната влада, не ме изненади и понудата да бидам Амбасадор во Вашингтон, таму каде бев пред 20 години. Таму направивме голема работа во 2004 со признавање на уставното име од САД.

Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку ќе ми го врзеше зборот. Дипломатите додека се на должност, немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома. Кога го одбив Вашингтон, добив понуда да бидам Амабсадор во друга земја. Сфатив дека очигледно некој влог за да не бидам дома, а со тоа да ослабат гласовите за кои јас се борам е голем. Интересот да ме нема не е домашен, многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од како што ме нарекоа „вирус поопасен од ковид“. Но на вирусот на идеалите и принципите нема вакцина. Токму овој обид да ме нема дома, и ми дава мотив да останам. Јас ветувам дека будно ќе го следам процесот на преговори, и целосно ќе се борам против лошо решение, ќе се борам за достоинствено решение.

Ова прашање е моја лична животна мисија. Апсолутна почит на македонскиот јазик. Поддршката која Северна Македонија која ја има од земјите членки од ЕУ во спорот со Бугарија, не падна од небо. На таа поддршка работев посветено. Кому и зошто на резултатите на таа работа пречат, може да се претпостави“, рече Димитров.