Силна порака со поддршка за процесот на проширување на ЕУ, но и пофалба за напредокот на Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, испрати шведската министерка за Европа, Јесика Розенкранц, вчера на лидерскиот состанок „Црногорскиот европски сон: Успешна приказна за регионот“, организиран во Подгорица од „Солуција“, заедно со нашите партнери од Белградскиот центар за безбедносни политики и амбасадата на Шведска во Белград, а поддржан од фондацијата „Браќа Рокфелер“.
Таа го искористи настанот и за реафирмација на ставот дека проширувањето мора да биде базирано на заслуги и не смее да биде оптоварено со билатерални прашања:
„Среде ноќ да ме разбудите ќе кажам дека мора да има пристап базиран на мерит. Не може да дозволиме да има билатерални прашања на патот и тоа јас го зборувам на сите колеги – без билатерални прашања и со силен фокус на реформите – тоа е она што ние го поддржуваме како Шведска“ изјави таа на панел дискусијата.
Претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на истата линија потсети дека токму Македонија е драстичен пример за билатерализација на процесот:
„ Последните три години сите вести во Скопје поврзани со европските интеграции се за Бугарија и за уставните амандмани. Реформите се изгубија. Минатата самодекларирана проевропска влада направи измени на Кривичниот законик што донесоа поголема неказнивност, во име на ЕУ, со надеж дека така ќе обезбеди мнозинство во собранието за измените. Значи кај нас, процесот целосно се преврте – наместо да носи притисок за реформи, ни донесе повеќе неказнивост. Тоа кажува дека ЕУ си има сериозен проблем со заштита на интегритетот на процесот“, изјави тој.
