Урсула фон дер Лајен во Скопје, во фокусот европската интеграција на земјата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска е во официјална посета на Скопје, во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Фон дер Лајен ќе оствари тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата.

Пред посетата, Мицкоски порача дека Владата е подготвена за разговор и изнаоѓање решение за прашањата поврзани со евроинтегративниот процес. Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека Владата го блокира патот кон ЕУ поради неприфаќањето на уставните измени.

„Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“, изјави Мицкоски.

Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно. На средбата се очекува да се разговара за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.

Во фокусот се очекува да биде и прашањето со Бугарија и можностите за надминување на разликите.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пред посетата изјави дека земјата сака решение со Бугарија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во евроинтегративниот процес.

Според Муцунски, постои интерес од европските институции и од дел од земјите членки на ЕУ за засилување на дијалогот и отворање простор за дискусија. Тој, сепак, нагласи дека ставот на Владата останува дека во моментов нема услови за уставни измени, имајќи го предвид начинот на кој Бугарија се позиционира.

Муцунски оцени дека досегашните билатерални контакти со Софија не донеле напредок и дека е потребна поголема ангажираност од Европската Унија.

Посетата на Фон дер Лајен на Северна Македонија е дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан. Претходно таа ги посети Албанија, Црна Гора и Косово.

Во актуелната турнеја не се вклучени Србија и Босна и Херцеговина. Според Европската комисија, двете земји се изоставени поради претстојните избори.