Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во емисијата Click Plus на ТВ21 изјави дека заедничката историска комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија редовно одржува средби, но процесот е долгорочен и не може да даде брзи резултати.
Тој појасни дека состаноците се организираат наизменично во Скопје и Софија, со однапред утврдена динамика, најчесто на секои еден и пол до два месеци.
„Членовите на Комисијата се договорија да има помала јавна експонираност на нивната работа, со цел да се избегнат политички манипулации. Ние имаме доверба во нивната експертиза и професионалност“, рече Димитровски.
Според него, иако има одредени придвижувања и заклучоци за одредени историски периоди, не може да се очекуваат сеопфатни резултати во краток рок.
„Ова е процес што може да трае со години, па дури и децении, како што е случај и со други историски комисии меѓу различни држави“, истакна тој.
Димитровски потенцира дека ваквите прашања не треба да бидат дел од критериумите за членство во Европската Унија, но предупреди дека во актуелната рамка тие сепак имаат влијание.
Тој додаде дека во одредени случаи биле направени компромиси, вклучително и за прашања поврзани со средновековниот период и фигури како Цар Самоил, но нагласи дека во иднина не треба да се дозволат решенија кои би отстапувале од националните позиции.
„Историската комисија треба да работи врз научни аргументи, без политички притисоци, а резултатите да доаѓаат природно, низ професионален дијалог“, заклучи Димитровски.
