Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски смета дека забелешките во меѓународните извештаи за состојбата со медиумските слободи во земјава треба да се гледаат како добронамерни и конструктивни.
Тој во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека медиумите имаат клучна улога во едно демократско општество, нагласувајќи дека тие претставуваат „четврта власт“ и важен коректив, особено во услови на политичка поларизација и слаба опозиција.
„Секогаш апелирам до сите функционери да имаат соодветен професионален однос кон новинарите. Но, истовремено, и новинарите треба да се однесуваат професионално“, изјави Димитровски, потенцирајќи дека односот меѓу институциите и медиумите мора да биде двостран.
Во однос на падот на рангирањето во меѓународните извештаи, тој посочи дека е потребна подетална анализа на причините, вклучително и економската состојба на новинарите и медиумите.
Според него, дел од проблемите произлегуваат од финансиската зависност на медиумите, особено по намалувањето на странските донации, меѓу кои и средствата од USAID. Тоа, како што рече, се одразува врз одржливоста на медиумските проекти и врз социјалната сигурност на новинарите.
Димитровски оцени дека и покрај предизвиците, во изминатите две години постои релативно поголема слобода во известувањето, но нагласи дека останува потребата од унапредување на професионалните стандарди и економските услови во медиумскиот сектор.
