Директор на сила! На Фатлинд Ајдини два пати му е одбиена оставката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај тоа што Фатлинд Ајдини, вршител на должноста директор на Центарот за култура во Тетово, двапати поднесе оставка, Министерството за култура не прифати ниту една, а како што вели, не му било дадено никакво објаснување зошто.

-Причина за мојата оставка е неможноста да се справам со големиот проект на Тетовскиот театар и библиотека. Станува збор за една од најголемите буџетски инвестиции за 2021 година и е предадена на мала институција како што е Центарот за култура, која нема капацитет или кадар да раководи со толку голем проект. Ова е клучната и единствена причина за оставка, изјави Фатлинд Ајдини, в.д. директор на центарот за култура, Тетово.

На прашањето зошто не ја прифаќаат оставката на в.д. директорот, од Министерството за култура за ТВ21 велат дека тоа ќе го направат и ќе има нов конкурс.

Ајдини вели дека може да остане директор доколку Министерството ги отстрани ингеренциите за Театарот и библиотеката од Центарот за култура, во спротивно, се надева дека министерството ќе распише втор конкурс, бидејќи на првиот, во декември 2024 година, беше претставен само еден кандидат кој не ги исполнил условите.

Телевизија 21 дознава дека во поделбата на ресорите, функцијата директор на Центарот за култура во Тетово припаѓа на партијата Алтернатива од коалицијата ВРЕДИ, која не може да најде кадар кој би ги исполнил условите.

Инаку, проектот Тетовски театар и библиотека во 2025 година ќе наполни 11 години и се уште не е завршен. Против него е отворен предмет во Обвинителството.