Тројца актуелни и поранешни директори на јавни здравствени установи вратиле по 500.000 денари, односно вкупно околу 1,5 милион денари, откако било утврдено дека средствата ги добиле врз основа на неправилна пресметка на плати. Ова го соопшти генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, нагласувајќи дека покрај медицинската, институцијата спроведува и редовна финансиска контрола.
Клековски информира дека во три одделни случаи веќе е извршено враќање на неправилно пресметаните приходи, кои достигнуваат речиси еден и пол милион денари.
На прашањето дали се очекуваат и други вакви случаи, тој посочи дека целта е да се изгради систем на заемна одговорност и почитување на правилата во здравствениот сектор.
Истовремено, најави продолжување на трендот на зголемување на платите во здравството. Посочи дека капитациите за матичните лекари се зголемени за 33 отсто, додека претходните две покачувања кумулативно изнесувале 17 проценти. Дополнително зголемување е предвидено од март.
Според него, со овие мерки се испраќа јасна порака дека трудот ќе биде соодветно вреднуван, но паралелно ќе се бара и одговорно однесување од сите вработени, со цел да се спречат злоупотреби.
Клековски нагласи дека институциите ќе продолжат со комуникација со јавните здравствени установи и синдикатите за воспоставување фер и транспарентен систем, во кој нема да има простор за самоволно определување и исплата на приходи.
