По неколкудневните притисоци од вработените, синдикатите и претставниците на студентската листа, Мања Грчиќ се повлече од функцијата генерална директорка на Радио-телевизија Србија (РТС). Оставката ја поднесе на 28 октомври, наведувајќи дека одлуката ја донела по внимателно разгледување на околностите во кои функционира јавниот сервис.
Во образложението, Грчиќ посочила дека со нејзиното повлекување треба да се овозможи непречено продолжување на работата на РТС. Таа побарала од Управниот одбор да ги преземе потребните чекори за да се обезбеди континуитет во раководењето и законско примопредавање на функцијата.
Грчиќ најавила и дека ќе соработува во текот на процесот, со цел промената на раководната позиција да помине без нарушување на функционирањето на јавниот сервис.
Нејзината оставка доаѓа по неколкудневните барања за одговорност и промени во медиумската куќа. Неформалната група вработени „Наш протест“ побара повлекување на целото раководство, особено на уредниците на Информативната програма, оценувајќи дека се потребни промени во начинот на известување и доследно почитување на професионалните стандарди.
Барањата ги поддржа и синдикатот „Слога“ при РТС, кој повика на преземање одговорност за состојбите во институцијата и за нарушената доверба кај јавноста.
Во меѓувреме, претставниците на студентската листа преку отворено писмо побараа оставки од Грчиќ, нејзиниот заменик и раководството на Информативната програма. Тие побараа и формирање привремена управа во согласност со законот.
Само еден ден пред да ја соопшти одлуката, на 27 октомври, беше објавено дека Грчиќ на средба со претставници на два репрезентативни синдиката одбила да поднесе оставка, со образложение дека не сака да ја остави институцијата без директор.
Управниот одбор на РТС ја избра Мања Грчиќ за генерална директорка на 11 февруари годинава, со мандат од пет години. Со изборот таа стана првата жена на чело на српскиот јавен сервис.
Пред да ја преземе функцијата, Грчиќ работела во повеќе домашни и меѓународни медиуми, меѓу кои Би-Би-Си, Б92, „Пинк“, „Танјуг“ и К1.
