Дивоградба кај „Мавровка“ мора да се руши – Општина Чаир: Ќе постапиме согласно законските надлежности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред неколку месеци локалот „Фонтана“ кај ТЦ „Мавровка“ изгоре до темел, а сега на местото кај што беше кафулето, интензивно се одвиваат градежни активности. Од општина Чаир информираат дека по добиеното известување од МВР, објектот се гради без дозвола. Сопственикот добил одлука за уривање на градбата.

„На 10 јули годинава, од инспекцискиот надзор извршен од страна на овластените општински инспектори, констатирана е фактичката состојба и е заклучено дека објектот се гради без претходно издадена дозвола за градење и за истиот е изготвен записник. Па така, на истиот датум, овластениот градежен инспектор издаде решение со кое бара отстранување на објектот, а изведувачот на градежните активности има рок од 8 дена да го стори тоа“, велат од општина Чаир.

Меѓутоа, од општина Чаир велат дека не знаат дали сопственикот го примил решението за уривање на објектот. Претходниот објект бил легализиран. Од друга страна, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на неговиот профил на Фејсбук напиша дека добил одговор од Инспекцискиот совет дека ќе биде извршен инспекциски надзор на објектот.

„Денес добив одговор од Инспекцискиот Совет, за закажан заеднички инспекциски надзор на државниот и општинскиот градежен инспекторат. На градежното дивеење кај Мавровка мора да се стави крај“, истакна Петре Шилегов.

Од Инспекцискиот совет велат дека надзорот треба да се направи во текот на оваа недела. Но, и покрај ова, активностите на терен продолжуваат. Пред неколку месеци во пожар целосно изгоре познатото кафуле „Фонтана“ кај ТЦ „Мавровка“.