Дизелот поевтини, бензинот поскапе – никој не знае до кога кризата ќе трае, но гориво во Македонија има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука дизелот од ноќеска на полноќ да поевтини за 2,5 денари по литар, додека бензините да поскапат за два денара. Со ова, цената на дизелот ќе изнесува 91,5 денари, Еуросупер БС – 95 ќе се продава за 82,5 денари, додека БС – 98 ќе изнесува 84,5 денари за литар, цени без попустот на Окта.

Оваа одлука на Регулаторната комисија не беше изненадување за премиерот Христијан Мицкоски, кој уште пред нејзиното објавување ги имаше пресметките за движењето на цените. Затоа тој смета дека не е предвремено донесена одлуката за враќање на ДДВ – то за дизелот од 10 на 18 проценти. Најави дека се прават обиди и по 1 мај да продолжат попустите што ги дава Рафинеријата ОКТА од два денара за литар бензин и три денари за литар дизел.

„За ОКТА ќе разговараме оваа недела, се уште не сме ја отвориле темата, но ќе разговараме оваа недела. Ќе разговараме со Министерката за енергетика и се разбира во рамките на можностите, ќе направиме се за да проложи тој попуст.“, вели Мицкоски.

Премиерот Мицкоски вели дека во моментов никој со сигурност не може да каже кога ќе заврши кризата во Иран и кога ќе се нормализира снабдувањето со сурова нафта. Според него, анализите што се појавуваат во јавноста од страна на реномирани банки и аналитички центри се базираат на нецелосни информации, често се и шпекулативни.

„Во моментот, она што можам јас да го кажам е дека никој нема правилна информација, освен, можеби неколкумина во Светот. И тие неколкумина во Светот практично одлучуваат дали крај на оваа криза ќе и стават денес, кроз еден месец, кроз една година или оваа криза ќе остане по инерција да функционира. Така што убави се овие анализи. Тие анализи ги гледаме, ги следиме внимателно, лично ги следам, но повторно ќе кажам, иднината на Светот е во рацете на неколку луѓе кои што можат да стават крај денес, следната недела, следниот месец или следната година.“, изјави Мицкоски.

Инаку, денеска една од најголемите светски банки Голдман Сакс излезе со проценка дека нормализирањето на транспортот преку Ормутскиот теснец наместо во мај, најрано би се случило во јуни, со што цената на суровата нафта кон крајот на годинава наместо околу 80 би била околу 90 долари за барел.

Мицкоски пак вели дека Македонија нема проблем со снабдувањето со горива и не очекува таков проблем. Затоа засега нема потреба од ограничување за точење гориво во земјава за странски државјани. Како аргумент за стабилноста, тој посочи дека од Македонија со керозин се снабдуваат и аеродроми во регионот.