Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на цените на нафтените деривати. Според новата одлука, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 3,5 денари и ќе се продава по 84 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 4 денари и ќе чини 86 денари за литар. Цената на дизелот се намалува за 7 денари по литар и ќе изнесува 80,5 денари, додека екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по максимална цена од 79,5 денари за литар. Намалување бележи и мазутот.
ОД ВЕЧЕРВА НА ПОЛНОЌ, МАКСИМАЛНИТЕ ЦЕНИ НА ДЕРИВАТИТЕ:
ЕУРОСУПЕР БС-95 – 84,00 ден/л
ЕУРОСУПЕР БС-98 – 86,00 ден/л
ЕУРОДИЗЕЛ БС – 80,50 ден/л
Екстра лесно масло за греење – 79,50 ден/л
Мазут – 42,291 ден/кг
Намалувањето доаѓа како резултат на падот на цените на дериватите на светските пазари, каде што се забележани значителни поевтинувања. Со оглед дека кризата на Блискиот Исток завршува и дериватите поевтинуваат, премиерот Христијан Мицкоски очекува тоа да се одрази и врз цените на храната. За таа цел денеска ќе се сретне со претставници на маркетите и дистрибутерите, за кои рече дека има јасна порака што ќе им ја пренесе.
-Кризата завршува. Граѓаните беа толерантни. Сега е ред на компаниите да им возвратат на граѓаните и веднаш да преземат чекори кон намалување на цените на производите, особено на основните прехранбени производи. Тоа го очекувам од нив. Исто така, ние како Влада имаме механизми, доколку тоа не се случи, на поинаков начин да го спроведеме тоа. Не прифаќам оправдувања од типот: не ни ги покачија, не ни ги намалија цените, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Ќе се прават споредби на цените на основните прехранбени производи кај нас и во регионот, а според премиерот, доколку во наредните денови не се забележи промена на цените, Владата ќе реагира, и тоа, како што рече, со долгорочни мерки.
-И некои маркети, доколку е потребно, јавно и по име ќе ги објавиме уште утре, а потоа ќе им оставиме ним, изјави премиерот Мицкоски.
