Со месеци па и со години Антикорупционерите чекаат одговори од институциите за клучни предмети за кои има сомневање за корупција. Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска вели дека на само 30 проценти од барањата и препораките кои ги испратиле се прифатено и затоа ги повика институциите да им испратат одговори на нивните прашања, наместо да ги држат во фиока.
„За јавните набавки во ДИК предметот е даден уште во 2019, се уште нема разрешница, за Деталниот урбанистички план даден е уште пред 6 месеци се уште нема разрешница. Значи сметам дека е од особен јавен интерес за кој што треба Јавното обвинителство да се произнесе, бидејќи има низа такви Детални урбанистички планови кои што се донесени на ист начин. Од друга страна, сметаме дека оценката на Уставниот суд досега требаше да ја добиеме уште летоска го дадовме предметот за оценување на уставноста за законот поврзан со Бехтел и Енка“, истакна Билјана Ивановска.
Покрај тоа што институциите не одговараат на нивните барања, Ивановска вели дека се на удар на обвинувања и дискредитации работата на Комисијата, но не сакаше точно да открие од каде доаѓаат тие.
„Вие сте сведоци на сите случувањата, и на честите изјави во јавноста од поединци кои што сакаат да ја дискредитираат работата на оваа Комисија велејќи дека ги надминува своите надлежности или дека не е доволно стручна и компетентна. Имате написи по весници по новини, од професори, од луѓе кои што се сметаат за компетентни да приговараат, не мора да се секогаш тие носители на власта, а од носителите на власт во однос на примената на препораките и мислењата кои што ги дава ДКСК“, посочи Билјана Ивановска.
Во најновиот Извештај на Европската комисија Антикорупциска беше оценета дека има напредок во делот на борбата со корупцијата и судирот на интереси и се нотира дека е особено проактивна во превенцијата на корупцијата и отворањето голем број предмети, меѓу кои има значителен број на случаи кои се однесуваат на високи државни функционери.
