Во јануари се очекува да се потпише договорот за заедничко финансирање на тунелот за патот Тетово-Призрен, рече заменик министерот за транспорт, Беким Реџепи. Според него, веќе завршиле преговорите со косовската страна и тоа е поминато во владата на РСМ.
„Сега разговорите завршија и драфт верзијата на договорот помина во Владата и прашање на време е кога ќе се потпише овој договор. Секојдневно сме во комуникација со мојот колега, заменик министер на Косово и се надевам дека во јануари ќе биде потпишан овој договор за кофинансирање“, вели Беким Реџепи.
Од друга страна, жителите на Бањица протестираат затоа што Коридорот 8 ќе минува низ нивните земјишта, а не се задоволни од експропријацијата. За ова Реџепи вели дека жителите треба да ги следат правните инстанци.
„Доколку има незадоволство, имотните прашања се правни прашања и сите странки треба да се упатат до судските инстанци, односно до Управниот суд“, додаде Беким Реџепи.
Овие коментари Реџепи ги даде при надзорот на работите што се изведуваат на патот „Браќа Миладиновци“ во Тетово.
