Оваа 2023 година мора да биде година на успешно завршен скрининг процес, година на важни реформи и придвижувања напред, но исто така и година на обединување и политички консензус за напредок во преговорите и отворање на поглавјата со комплетирање на неопходните уставни измени утврдени во преговарачката рамка. Ова го истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ на собраниската Комисија за европски прашања каде се дискутираше околу досегашниот скрининг процес на Македонија.
„Од нас односно од сите вас почитувани пратеници, почитувани претставници на граѓанското општество зависи дали 2023 година ќе биде година за паметење по нашата јасна и сигурна европска перспектива или година во која ќе доживееме уште една блокада, нова блокада, овој пат предизвикана од нас дома“, вели Бојан Маричиќ.
За потребата од носењето на уставните измени говореше и претседателот на Комисија Арбр Адеми, кој истакна дека е добро што постои политички консензус во однос на членството на земјава во Европската унија, но дека тоа не смее да биде само декларативно и дека опозицијата треба да даде придонес во однос на уставните измени.
„Искрено очекувам опозицијата ада се вклучи активно во овој процес бидејќи определбата за членство во ЕУ ни е заедничка, не можеме да кажеме дека сме го избрале европскиот пат, а да одбиваме да ги исполниме нашите задачи, како што се на пример уставните измени, со цел внесување и на другите етнички заедници во највисокиот правен акт на земјава, вклучително и бугарската заедница“, додаде Арбр Адеми.
Сепак од опозицијата повторно истата реторика, дека за да се отвори Уставот треба претходно да има предвремени избори. Гордана Силјановска Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Уставот вели дека суверенитетот извира од граѓаните и дека тие се оние кои ги носат одлуките.
„Не можете да победите со една програма, а да спроведувате друга програма. И да не заборавиме кога квалификуваме дека претседавач на ЕУ е Шведска до неа има и една друга држава Данска, во нивните устави се вели дека ако сакате да посегнете по уставни измени прво треба да ги прашате граѓаните за тоа на избори“, додаде Гордана Силјановска Давкова.
Скрининг процесот завршува во ноември годинава а дотогаш треба да бидат донесени уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата како услов за продолжување на преговорите со Европската унија, односно со отворањето на кластерите.
