Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања околу тоа зошто не се носи законот за рестриктивни мерки со кој ќе бидат опфатени сите лица кои се на црната листа на Соединетите Американски Држави. СДСМ и натаму бара од ВМРО-ДПМНЕ да не го блокира законот, односно Антонио Милошоски во најскоро време да закаже комисиска расправа за него.
„Пратеникот Антонио Милошоски најпрвин треба да се одважи и да ја закаже Комисијата со која што раководи во Собранието и на дневен ред на таа собраниска комисија да го стави законот за рестриктивни мерки и така да покаже дека има некакво залагање во делот на овие прашања, но како и во минатото така и сега видовме дека и ДПМНЕ и Милошоски и Мицкоски само декларативно се заложуваат за борба против криминалот но вака на дело се што е во насока да ја подобри борбата со криминалот и корупцијата го ставаат во заден план, го блокираат и го кочат“, додаде Дарко Каевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера истакнаа дека наместо да се носи законот за рестриктивни мерки Владата може да ги искористи законските основи за меѓународна кривична одговорност, а не да ги штити лицата кои САД ги стави на црната листа.
„На „црната листа“ се најде и марионетата на СДС и Ковачевски, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски. Јакимовски кои е во неформална коалиција со СДС и одработува за власта за отцепување на опозициските гласови е на оваа листа на САД за сторен криминал од високи размери.СДС и ДУИ го спасија Стевчо Јакимовски од сите судски постапки во Македонија, но тој за САД е непожелна личност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
А токму Јакимовски кој што последен се најде на црната листа на САД, до Обвинителството за организиран криминал поднесе кривична пријава против непознат сторител но не откри на кого точно мисли. Јакимовски вели дека одредени лица го кодошеле кај Американците.
„Јас сум длабоко убеден дека ова не е од истражни органи, дека ова не е од претставници на амбасадата и официјалната американска политика туку е од македонски кодоши кои што се впуштени во овие нечесни игри и што цело време суфлираат кој е тој што треба да се најде на црна листа без притоа да има било какви истраги или без притоа да има било какви докази, туку по наратив кој што тие ќе го создадат во јавност дека овој е криминалец и така натаму“, вели Стевче Јакимовски.
Во понеделникот Американскиот Стејт Департмент ја дополни на црната листа со Јакимовски и со Катица Јанева, а претходно на неа се најдоа и Рамиз Мерко, Никола Груевски, Сашо Мијалков,Кочо Анѓушев, Орце Камчев со неговата мајка Ратка Камчева, како и Сергеј и Ирина Самсоненко.
