Жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата во албанската престолнина Тирана, каде што осми ден по ред продолжуваат антивладините протести. Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера насобраните граѓани, додека тензиите на улиците не стивнуваат.
Протестите, во кои учествуваат средношколци и студенти, започнаа со барања за намалување на школарините, поголеми државни инвестиции во образованието и справување со корупцијата во образовниот систем. Незадоволството постепено прерасна во пошироко антивладино движење, кое бара оставка од премиерот Еди Рама, пренесува агенцијата АП.
Во изминатите денови демонстрантите фрлале камења, факели, пиротехнички средства и молотови коктели кон полициските сили. Полицијата возвратила со солзавец, водени топови и употреба на палки во обид да ги стави немирите под контрола.
Протестите се поврзуваат со движењето „Фламинго“, кое првично се појавило како противење на голем проект за луксузен туризам на јужното крајбрежје на Албанија, поврзан со инвестициска компанија на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Премиерот Еди Рама, по средбата со наставници и претставници на училиштата во Тирана, испрати остра порака дека насилна промена на власта нема да биде дозволена.
„Бран од камења, обид за уривање на владата и промена на власта со насилство – тоа е нешто што никогаш нема да биде дозволено, во каква било форма и од која било причина“, изјави Рама.
Тој призна дека дел од причините за незадоволството се реални, посочувајќи ги високите трошоци за живот, неизвесната иднина и проблемите со домувањето. Сепак, обвини дека одредени групи ги злоупотребуваат овие проблеми за намерно поттикнување насилство.
„Ова е хибридна војна која е успешна токму затоа што се темели на вистински проблеми, а не на фантазии. Загриженоста за трошоците за живот е реална, како и стравот за сигурна иднина, покрив над главата и подобри можности“, порача албанскиот премиер.
Рама ги обвини насилните демонстранти дека создаваат атмосфера на страв во главниот град, а за дел од студентите кои учествуваат во протестите оцени дека припаѓаат на нови струи на политички екстремизам.
Незадоволството во Албанија се случува во период на протести и во други европски земји, каде што граѓаните реагираат на растот на животните трошоци, проблемите во јавните услуги и високите цени на домувањето.
