До крајот на годинава градски воз за Скопје – Николоски: Брзата пруга од Грција преку Македонија ќе отвори економски зони

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се реши ли проблемот со градскиот превоз на Скопје. Постапката за градскиот воз кој ќе ги поврзува крајните точки на Скопје е завршена и во најскоро време треба изведувачот да ги започне работите за првата линија од овој проект.

Министерот за транспорт Александар Николоски во вчерашното издание на Клик плус на ТВ21 објасни како ќе функционираат линиите.

„За ставање во функција на првата линија на градскиот воз која што ќе оди од Зелениково, преку Драчево, преку Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на новата железничка станица, а веќе во втора фаза следната година ќе ги градиме и останатите две линии, што значи веќе оваа година ние ќе имаме функционален градски воз на една третина од Скопје а на де третини ќе работиме следна година кои што после тоа ќе ги спојуваме со автобусите на ЈСП“, вели Александар Николоски.

Николоски деновиве беше и во официјална посета на нашиот јужен сосед и со грчките колеги разговараа за брзата пруга, која ќе оди од грчките пристаништа преку нашата земја кон Европа. Со овој проект двете македонски железнички претпријатија Инфраструктура и Транспорт ќе го зголемат приходот за 10 пати, а по линијата ќе се отвораат економски зони, рече Николоски.

„Изградба на брза пруга на која што карго возовите ќе возат со 120 километри на час и ќе можат да имаат должина од 750 метри, тоа е три четврти километар, вака чисто за слика, ќе значи дека многу повеќе роба ќе оди преку грчките пристаништа и да се увезува од Европа но и да се извезува низ Европа, што значи во двата правци . Што целосно ќе ја промени сликата и економијата во целиот овој регион затоа што по линија на брзата пруга ќе се развиваат економски зони од левата и десната страна“, вели Александар Николоски.

Во однос на автопатот Скопје – Блаце Николоски најави дека ќе почне да се гради на почетокот на следната година и треба да биде готов за три години, односно  до почетокот на 2029. Рокот за поднесување понуди истекува на 30 септември по што заедно со ЕБРД ќе се направи селекција и најдоцна до крајот на оваа година ќе започнат работите, рече тој.