1.349 административци ќе се систематизираат во 237 разни државни институции. Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби рече дека со оваа одлука, административците нема да можат да си го изберат работното места и доколку во рок од 7 дена не се појават да го подигнат решението, тогаш министерството ќе го раскине договорот за работа и ќе ги стави на трансфер листа.
Според планот најмногу административци ќе завршат во МВР, односно 143 вработени, 92 во УЈП, 74 во Државното правобранителство, 25 во Тетовската болница, 29 во Агенцијата за катастар, а 21 во Министерството за земјоделство.
Распределбата на административците е уште еден плус во разнишаните односи меѓу Артан Груби и Изет Меџити. Меџити беше воздржан при гласањето на Законот за преземање на административни службеници преку К-5 Програмата, велејќи дека со новиот закон околу 1.300 Албанци ќе останат без работа.
Од административците кои ќе се трансферираат, повеќето се економисти и правници, а систематизацијата ќе се реализира за 30 дена. Ова е усвоениот план од Владата за трансфер на административните службеници преку програмата К5 на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
