Доаѓаат во родното место, веднаш проблеми! – Во Теарце нема картони, ниту вода, а вработените не се во општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дојде од печалба на одмор во родното место.

Ибрахим Шемседини од Теарце веќе една недела оди во полициска станица за да ја пријави сопругата која е со германско државјанство. Според домашните закони, такво нешто е задолжително. Но, никако да заврши работа. Причината е немањето картони за таа намена.  Освен тоа, бил и во општината за да види дали има некој долг за вода и да плати, но во канцеларијата немало никој. Сите овие нерегуларности го загрижуваат овој печалбар кој вели дека отсега натаму два пати ќе размисли пред да дојде во родното место.

„Се вратив во Македонија затоа што направив дом во татковината, но овде веќе нема ништо, нема картони да ја пријавам сопругата, јас сум овде една недела и нешто, околу 10 дена. Второ, водата не се пие овде во Теарце, порано беше најдобрата вода во Македонија, сега стана најлоша во Македонија, треба да се купи вода во продавница. Трето, патиштата се раскопани, канализација никаде нема, ги уништија патиштата на средина и не се прави така, или на десно, или на лево, а патиштата така ги уништија. Дојдов да видам дали има некој долг, требаше да ја платам водата, затворено беше. Ќе имам ли проблем на граница, оти сопругата  ми е „беамте“, што на албански значи службеник, како полиција, како партија, но ќе се јавам таму и Германија ќе направи нешто“, вели Ибрахим Шемседини.

Од МВР велат дека испратиле картони врз основа на барањата што ги добиле, низ целата држава, периодично.

Ве информираме дека според проектираните потреби на полициските станици на ниво на цела држава, периодично се доставуваат картончиња за пријава и одјава на странец, чиј што број однапред  не може да биде прецизно утврден“, велат од МВР.

А за водата, градоначалникот на Теарце, Нухи Незири се правда дека вработените во Водовод се на терен за да се обезбеди вода за пиење, затоа не биле на работните места.

„Екипите се континуирано на терен бидејќи се изведуваат работи во канализационата мрежа и речиси истовремено на истата траса континуирано се прекинува водата и тоа претставува пречка работниците континуирано да бидат во канцелариите поради итноста за снабдување со вода во населбата“, вели Нухи Незири.

Општина Теарце има над 20.000 жители, а е меѓу општините во Македонија кои немаат канализациона мрежа. Со вода се снабдува од реките и затоа  водата не е за пиење.