Во синоќешното издание на „КликПлус“ на ТВ21, гостуваше министерот за здравство Венко Филипче. Тој соопшти добра вест за иселениците, односно најави отворање на границите без тестови и карантини.
„После отворањето на границите, нема да важат карантините ниту тестовите. Ќе разговараме за ова за време на викендот. Анализата на новозаразените и кластерите, ќе ни покаже до каде сме, и врз основа на тоа ќе носиме одлука.“, рече Филипче.
Филипче додаде дека веќе е во разговори со земјите од регионот за координација околу целосното отворање на границите.
„Отворањето на границите е нешто што бара регионална координација. Сите имаме сличен епидемиолошки ризик. Само што сега ние први изреагиравме. Многу е битно да имаме координација за да се следат апсолутно сите контакти доколку е потребно. Ќе разговараме викендов и одлука ќе носиме на почетокот на следната недела“, изјави министерот за здравство.
