Апликација за нов пасош, патна исправа, сертификат за државјанство, извод од матични книги, сите овие услуги како и некои други, иселениците наскоро ќе можат да ги добиваат онлајн без да мораат да доаѓаат до дипломатските претставништва. Ова го соопшти денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи на презентацијата на првата фаза од проектот Е-Конзулати. Османи рече дека ова било направено поради поплаки од граѓаните кои живеат надвор од земјава.
Целиот процес за барање одреден документ ќе се одвива по електронски пат, а и уплатата за конзулската услуга ќе се врши на истиот начин.
Османи појасни дека ова е почеток на првата фаза од проектот и дека во следниот период ќе се унапредат и други услуги. Оваа недела МНР ќе го започне пилот проектот, обуката на вработените во дипломатските претставништва и веднаш ќе се започне со употреба на оваа услуга.
