Македонија и Италија и во иднина ќе ја продлабочуваат соработката во областа на образованието, најавија италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвистри, како и универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев. Токму за досегашните придонеси, на ректорот на „Американ колеџ“, Бојаџиев му беше доделена т.н. „Ѕвезда на Италија“ – специјално признание за чие доделување одлучува лично претседателот на Италија, Серџо Матарела.
„Тој значајно придонесе за зајакнување на нашите билатерални односи и особено за специјалната врска која ги спојува нашите нации, на универзитетско и културно поле. Затоа, од сите овие причини, навистина сум задоволен што претседателот на Италијанската република, Серџо Матарела го прифати мојот предлог.“, изјави Силвестри.
Професорот Бојаџиев истакна дека благодарение на успешната соработка со универзитети од Италија, стотина ученици и студенти од Македонија во Рим посетувале настава на универзитетите кои се рангирани во топ-200 во светот.
„Она што е важно е да се изградат мостови меѓу нациите и мислам дека светот во кој живееме, обединетата Европа, а се надевам Македонија многу скоро полноправно ќе се зачлени, е многу важно и ова е тоа што всушност го правиме, градиме мостови помеѓу Македонија и Италија.“, изјави Бојаџиев.
Последно, универзитетот „Американ колеџ Скопје“ и Универзитетот Католика од Рим, се договорија во иднина студентите да имаат двојна диплома во областа на меѓународните односи, која ќе биде признаена и во Македонија и во Италија. Универзитетот Католика е најголемиот приватен универзитет во Европа и најголем католички универзитет во светот.