„Да живее Македонија, да живее Србија, да живее Република Српска и да живее братска Русија.“, порача Милорад Додик.
Вака лидерот на босанските Срби, Милорад Додик го заврши скандалозниот говор во театарот во Скопје, по повод чествувањето на српскиот национален празник „Свети Сава“. Додик го фалеше рускиот претседател Путин.
„Путин и раководството направија сѐ за да ги одбранат руските национални и државни интереси во вистински момент.“, вели Милорад Додик.
Потоа, го негираше геноцидот во Сребреница и испрати анти-НАТО и анти-ЕУ пораки.
„Што остана од Европа? Некакви вредности? Кои вредности? Каде се?“, вели Милорад Додик.
На сево ова, од првите редови сведочеа премиерот Христијан Мицкоски, повеќе функционери, како и лидерот на опозицијата Венко Филипче. Ден потоа, Мицкоски го критикуваше Додик.
„Апсолутно не се сложувам и навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање на такви пораки, бидејќи сепак тоа беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип на политички пораки.“, вели Христијан Мицкоски.
Остро реагираше партија на Бошњаците во земјава. Тие потсетија дека Додик е на американската црна листа поради, како што додаваат, геноцидни политики.
„Додик ја посети Северна Македонија за да и “помогне” во евроинтеграцискиот процес, како што и “помогна” на Босна и Херцеговина.“, велат од БДС.
Од ДУИ пак, истакнаа дека власта ги преминала сите црвени линии, пречекувајќи човек шири омраза и поделби и тоа во објект кој го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија.“
„ Овој чин е тежок удар за Охридскиот договор и за соживотот. Присуството на Додик таму е шлаканица за жртвите на Сребреница, за Албанците и за секој граѓанин кој верува во слобода и еднаквост.“, велат од ДУИ.
Инаку, настанот беше организиран од српска невладина организација, но гостите ги пречекуваше министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ. Присутни беа и поглаварите на МПЦ и СПЦ, Стефан и Порфириј.
