Договорот од Пржино со кој земјата излезе од длабоката политичка криза најверојатно заминува во историјата. Од него произлезе Специјалното јавно обвинителство кое исто така веќе не постои. Пред изборите и двајцата лидери Заев и Мицкоски беа согласни на тоа.
„Не треба да постои, неколку пати го имам кажано тоа, дај кажете го и вие. Мојот став е дека не треба да има повеќе Пржинска влада“, рече Заев.
На дуелот што се одржа пред предвремените парламенти избори Мицкоски рече дека тој бил против Пржинска влада уште кога се потпишувал Пржинскиот договор, но дека за последниве парламентарни избори инсистирале овој модел да постои бидејќи немале доверба како СДСМ ќе ги организира изборите.
„Апсолутно немам никаков проблем да нема Пржинска влада“, изјави Мицкоски.
Но, сега по завршување на изброите реториката се промени, па од опозицијата сега велат дека таква одлука не може да се донесе еднострано, бидејќи тоа било договор меѓу власта и опозицијата.
„Што се однесува до укинувањето на Пржинската влада и премиер Албанец, самиот Пржински модел беше договорен меѓу опозицијата и власта, Заев нема право без консултација со опозицијата и меѓународниот фактор кој беше гарант на тој модел да го укинува еднострано и да го пазари во договорот за неговата влада“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За аналитичарите Пржинскиот модел е под притисок на меѓународен фактор со цел избегнување на изборни манипулации.
„Сега на овие избори се покажа нефункционалноста бидејќи тоа значи само можност за префрлање на одговорноста. Видовте како беше цело време Наќе е крив за тоа што не интервенирала полицијата, друг е крив, не е Оливер, крив е Наќе, тоа само ја префрла одговорноста и не се знае кој е одговорен.“, рече Тортевски.
Моделот на Пржинска влада беше воведен за изборите во 2016 и со него најголемата опозициска партија на 100 дена пред избори добива функции во извршната власт, меѓу кои се и две министерски и три места на дополнителни-заменици министри.
