Првата посета на премиерот на Бугарија Кирил Петков со неговиот домаќин македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Скопје резултираше со договор околу тоа дека Бугарија го прифаќа краткото име Северна Македонија, кое претходно таа го спореше. Може ли ова да се нарече успех на двајцата премиери и прв чекор во решавањето на отворените прашања наметнати од Бугарија или отстапка која од македонска страна се гледа како наша, а од бугарска како нивна. Поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров кој буквално до вчера беше вклучен во надминувањето на спорот во интервју за Телма рече дека отстапката е наша бидејќи со испраќањето на нотата до Обединетите нации не сме добиле ништо за возврат и со тоа е ослабена нашата преговарачка позиција.
„Тоа што ја потценува македонската јавност е начинот како ова беше претставено, Бугарија веќе нема да преговара за краткото име. Тоа е еден обид за спин. Бугарското барање беше да испратиме нота, ние сме се согласиле и сме ја испратиле таа нота. За возврат немаме обезбедено ништо.“ изјави ексминистерот Никола Димитров.
На ваквата изјава на Димитров реагираа од партијата на Љубчо Георгеивски ВМРО-Народна партија со став дека токму Димитров досега ја кочел целиот преговарачки процес.
По посетата на добра волја на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-Народна партија Љубчо Георгиевски во Софија, пред да го стават ветото, од неколку бугарски функционери му било споменато дека главен виновник за ветото е токму Никола Димитров и прашањето за појаснувањето на краткото име во Обединетите нации. Впрочем бугарската страна една година го чекала Димитров да испрати нота во Обединетите нации за која дури не инсистирале јавно да биде објавена, а во која ќе се каже дека зборот Северна Македонија не се однесува на спорниот бугарски дел односно Пиринска Македонија.
Сепак и самата посета на премиерот Петков на нашата земја е знак на добра волја, оцени во емисијата на ТВ21 Клик Плус, поранешниот пратеник Михаил Пановски. Според него вчерашниот чекор е почеток на градење на добри односи, но дека и Петков и Ковачевски ги очекува големи опструкции од сили кои не сакаат Бугарија и Македонија да постигнат договор.
„Ќе имаат огромни проблеми, огромни препреки од страна на тие што не сакаат да има договор, сили што цело време опструираат во Македонија и во Бугарија. Во Бугарија има една голема инсталација на руски сили присутни во медиуми, во тајни нивни служби, исто како кај нас што има огромна инсталација на служби белградски во сите можни сфери на нашето живеење“, вели Михаил Пановски поранешен пратеник.
Но ако првата точка односно прашањето на краткото име некако помина лесно, за професорот Жидас Даскаловски натамошните преговори ќе има треба многу подолго време и тој не верува дека сето тоа би можело да се постигне во наредниве 6 месеци.
Овие барања од Бугарија некои од нив може да се каже дека лесно би се решиле, некои од нив се многу тешко веројатно да се решат. Пример, од тие 5+1 барања, сега е 4+1, значи, едното е говорот на омраза. Како во Бугарија го сфаќаат говорот на омраза е многу дискутабилно. Имате проблем околу инсистирањето Комисијата да работи и да сработи во рамките на она што тие ја сметаат за бугарска верзија на историјата на Македонија и на македонското движење и така натаму. Значи, неколку од овие точки се проблематични, вели професорот Жидас Даскаловски.
По вчерашната посета на бугарскиот премиер Петков, договорено е за една недела односно на 25 јануари да се одржи и заедничка седница на бугарската и македонска влада, на која треба да се формираат работни групи за заеднички проекти, по што секоја наредна недела тие ќе имаат состаноци за забрзување на активностите.
