Дојава за бомба го парализира јавниот превоз – автобуси паркирани пред Влада, штрајк на вработените

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утринава вистински хаос со јавниот превоз. Поради дојава за бомба сите автобуси беа исклучени од сообраќај и паркирани во гаражата каде беа проверувани од антитерористичката единица на МВР. Според информациите, дојавата преку електронска пошта ја испратило лице вработено во ЈСП. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека лицето е уапсено и дека истрагата за случајот трае.

„Во тек е истрагата во однос на дојавата, испратениот мејл од вработен од ЈСП „Скопје“. Лицето е приведено и со него работат надлежните служби, а паралелно трае и антитерористичката проверка“, вели Оливер Спасовски.

Откако беа проверени автобусите, дел од нив постепено се вклучија во сообраќај, а неколку беа паркирани пред зградата на Владата. Вработените на штрајк, поради неисплатена плата, а раководството на јавното претпријатие на протест.

Синдикатите во ЈСП уште во понеделникот алармираа за доцнењето на платата.

„Утре се договоривме да дојдеме со семејствата во 4.30 часот сабајле. Градоначалничката и Градот Скопје земаа плата, тие се со полни стомаци, ние сме гладни. Денеска е 19-ти, кога ќе добиеме плата, кога ќе јадеме? И ние имаме деца како што она има деца и како што директорот има деца“, посочи Африм Муча.

Првиот човек на ССМ, Дарко Димовски го поддржа штрајкот и рече дека не смее да се дозволи ваква ситуација, посебно во градскиот превоз.

„Апелирам до градоначалничката да не се лаже дека утре и еден автобус ќе излезе за да врши јавен градски транспорт“, посочи Дарко Димовски.

Од Синдикатот на работниците за сообраќај и врски порачаа дека ако до 15-ти во месецот, како што предвидува законскиот рок, не им се исплаќа плата, веќе од наредниот ден ниту еден автобус нема да сообраќа низ улиците.  

„Можеме да зборуваме за други работи, за права од работен однос, меѓутоа за плата разговори повеќе нема. Законскиот рок за плата е 15 во месецот, помине ли 15 во месецот автобус на ЈСП нема да излезе на линија“, посочи Миќо Стојановски.

Од Град Скппје вината за моменталната ситуација ја посочија во Министерството за образование кое, како што велат, должи 2 милиони евра на претпријатието за линиски превоз на учениците и студентите, но и неколку скопски општини кои на ЈСП му должеле 40 милиони денари.

„Овој притисок кој што се прави со неплаќање го доведува Јавното сообраќајно претпријатие во последниве два месеци на функционирање од оваа година, од тековната година да има потешкотии. Потешкотиите ќе се надминат, платата не се касни, се касни два до три дена моментално и истата ќе биде реализирана“, вели Здравко Глигоров.

Од Владата на обвинувањата реагираа преку соопштение и одговорија дека не должат ниту денар на Град Скопје, а за студентски билети не биле предвидени пари бидејќи студентите учебната 2021/2022 учеле онлајн. Оттаму топката ја префрлија во општините, кои според Владата, неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските. Додека траат преписките на релација Град Скопје – Влада, вработените во ЈСП не добија конкретен одговор кога ќе добијат плата.