Долги колони на граничните премини – Османи: Резултатите од „Отворен Балкан“ ќе се видат наскоро

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Долги колони и чекање на граничните премини и оваа летна сезона. Кај Блаце, Табановце се чека и по 3 часа, а печалбарите и другите граѓани се жалеа и за нефункционирање на иницијативата Отворен Балкан која има за цел слободно движење на луѓето и стоките. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи смета дека резултатите од оваа иницијатива ќе се почувствуваат наскоро.

„Јас мислам дека ова е една од целите, да се ослободи движењето, да се формираат “One stop shop”, да се укинат сосема границите меѓу земјите од регионот, меѓутоа тоа е процес. Луѓето се уште имаат предрасуди, и страв, за тоа што може да биде позадината на оваа иницијатива, дали некоја земјите ќе има поголема придобивка од другите и секако дека не секоја земја ќе има иста придобивка. И во ЕУ не сите имаат исти придобивки на заедничкиот пазар“, вели Бујар Османи.

Косово и Албанија сосема ги укинаа граничните контроли за време на летните месеци и викендите, со што на граничните премини нема долги и мачни чекања.

ТВ21: Видовме дека Косово и Албанија сосема ги укинаа границите во текот на летото и викендите. Зошто истото не може да се направи меѓу Македонија и Косово за да нема долги колони на Блаце?

„Тоа е и целта. Знаете дека се работи за “One stop shop” со Косово, долгорочно, зошто да не. Веќе границите се надминат концепт, тие веќе не ја чуваат безбедноста на државите. Има други форми за чување на безбедноста и движење на граѓаните. Границите сега се пречка за циркулација на луѓето, стоките итн., но предрасуди се уште постојат…ЕУ не познава граници, но што до тогаш, сметајте дека ќе ни требаат 10 години, се надевам помалку за ЕУ, но еве хипотетички што би правеле следниве децении. Јас мислам дека ова се добри начини за подготовка на земјите да станат дел од тој пазар“, додава Бујар Османи.

Османи рече дека иницијативата Отворен Балкан ќе биде целосно успешна само тогаш кога ќе биде сеопфатна, со сите 6 држави од Западен Балкан.